Св. Георгиј - Старо Нагоричане

За манастирот

Во срцето на македонската средновековна уметност

Во историјата на средновековната уметност во Македонија, црквата посветена на св. Георгиј, во селото Старо Нагоричане – Кумановско, зазема едно од највисоките и најзначајните места.

Ѕидањето на старата црква од XI век е врзано со легендата што се раскажува во овој крај до денес. Прочуениот пустиножител Прохор Пчињски, еден од првите македонски анахорети, живее во мала природна пештера во страната Жеглиговска, во месноста Старонагоричка.

Во неговата испосница влегува тешко ранета срна, а по неа и ловецот, познатиот византиски војсководец Роман Диоген – успешниот бранител на овие краеви од нападите на Печенезите.

Откако го прекорува војсководецот за стореното дело, Прохор Пчински му претскажува скорешно провозгласување за цар на Византија. И навистина војсководецот Роман, женејки се во 1068 година за вдовицата на починатиот цар Константин Х Дука, Евдокија, стапува на престолот на византиските цареви.

Манастирот Св. Георгиј - Старо Нагоричане
1068-1071
Изградба на првата Диогенова црква
1313
Завршена обнова на црквата од кралот Милутин
1313-1318
Живописување од Михаил Астрапа и Евтихие

Новоизбраниот цар брза да го награди видовитиот пустиножител и во непосредна близина на неговата пештера наредува да се изгради прекрасната трикорабна базилика. Тоа е денешната стара Нагоричка црква, градена од убаво клепан камен, сочувана до височина на сводовите.

Неколку века подоцна, српскиот крал Милутин, наоѓајќи ја старата црква делумно разурната, во рамките на своите познати настојувања за обновување на напуштените и разурнатите цркви во новоосвоената територија на Македонија, дава средства за обнова.

Во живописот на црквата Св. Георгиј во Старо Нагоричане, сосема успешно и наполно е совладан новиот стил, во кој зоографите Михаил Астрапа и Евтихие постигаат врвни сликарски резултати.

Живописот на Старонагоричката црква со невидени магнетизам ги привлекува не само познавачите на средновековната уметност, туку и широк круг на посетители. Со право го заслужува називот неповторлива галерија во која се прикажани врвните достигања на средновековното сликарство.

Фрески од Михаил Астрапа и Евтихие

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец

„Како ослободител на плениците, и заштитник на сиромашните, лекар на немоќните, помошник на владетелите, победоносецу, великомаченику Георгие, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.“

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година).

Неговите родители биле богати и благочестиви. Неговиот татко маченички пострадал за верата што и придонело малиот Георгиј силно да го засака Христа и сецело да Му се предаде, да Му служи и со својот живот маченички да ја потврди и исповеда својата вера и љубов кон Христа Господа.

Свети Георгиј се смета за покровител на Москва, Грузија, Англија, а исто така е доста почитуван во Палестина и на Балканот. Со прекрасен став и убавина, висок и храбар, младиот Георгиј бил регрутиран во елитната војска на царот.

На негова 20 годишна возраст тој станува трибун во војската, чин кој соодвествува на денешен полковник, а тоа било високо место за неговата возраст.
Св. Георгиј Победоносец

Кога царот Диоклецијан издал наредби за прогонување на христијаните, храбриот воин Георгиј смело изјавил пред Советот: „До кога ти, цару, и вие кнезови и советници, ќе го распалувате својот гнев против христијаните?"

„Вие сте, господа, во заблуда, зашто вашите идоли не се богови. Исус Христос е вистинскиот Бог. Или познајте ја Вистината и научете се на благочестие, или пак престанете со своите прогони."

Сите членови на Советот биле вчудовидени од настапот на Георгиј. Меѓутоа, и самиот Диоклецијан вџашен од тоа што го слушнал од својот миленик, долго молчел. По долги мачења и чуда, светиот маченик Георгиј бил посечен на 23 април/6 мај 303 година.

За време на цар Константин Велики светите и чудотворни мошти на Св. Георгиј биле пренесени во Лида и погребани во храмот посветен на неговото име. Светите мошти и денес таму почиваат.

Мошти на Св. Георгиј во Лида, Палестина
6 мај 303
Маченичка смрт на Св. Георгиј
16 ноември
Пренесување на моштите во Лида
9 декември
Свети великомаченик Георгиј